Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Онлајн состанок со претставници на македонската дијаспора по повод подготовката на новата Стратегија за соработка со дијаспората 2025–2030

Онлајн состанок со претставници на македонската дијаспора по повод подготовката на новата Стратегија за соработка со дијаспората 2025–2030

Вчера, во просториите на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, се одржа првиот голем онлајн состанок, предводен од државниот секретар Елена Кузмановска, на кој учествуваа претставници на македонската дијаспора со цел добивање сугестии и предлози за содржината на новата Стратегија за соработка со дијаспората 2025–2030.

На состанокот беше истакнато дека Стратегијата има за цел да ги зајакне врските меѓу матичната држава и македонските граѓани во странство, со акцент на пет клучни области: конзуларни и социјални услуги; култура и туризам; образование и зачувување на мајчиниот јазик; спорт и спортска дипломатија; како и економија, инвестиции и надворешна трговија.

„Со оваа стратегија се стремиме кон подобрување на квалитетот на услугите, зајакнување на институционалната рамка, промоција на македонскиот културен и образовен идентитет, развој на одржлив туризам и стимулирање на економската и инвестициската соработка. Стратегијата се темели на принципите на транспарентност, инклузивност, дигитализација, меѓусекторска соработка и мобилизација на потенцијалот на дијаспората,“ истакна Кузмановска.

На состанокот учествуваа повеќе од 120 претставници од дијаспората кои живеат и работат во САД, Австралија, Нов Зеланд, голем број европски земји, како и во земјите од соседството. Во салата беа присутни претставници од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, Канцеларијата на претседателот на Владата, Агенцијата за иселеништво, Министерството за внатрешни работи, Министерството за образование и наука, Министерството за култура и туризам, Министерството за социјална политика, демографија и млади, Министерството за дигитална трансформација и Министерството за спорт.

Мени за пристапност