Државниот секретар во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, д-р Јовица Палашевски, оствари средба со Јакуб Стефанјак, државен секретар и заменик-шеф на Канцеларијата на претседателот на Советот на министри на Република Полска.
На средбата беше нагласена заедничката определба за натамошно зајакнување на политичкиот дијалог и интензивирање на размената на официјални посети. Во тој контекст, беше разгледана можноста за организирање средба на ниво на премиери, како значаен чекор кон продлабочување на билатералното партнерство.
Палашевски изрази благодарност за континуираната и принципиелна поддршка на Полска за македонскаѕа европската интеграција и за заложбите процесот на проширување да остане кредибилен, предвидлив и заснован врз постигнати резултати.
Соговорниците разговараа и за унапредување на економската соработка, со посебен акцент на земјоделството, енергетиката и одбранбената индустрија, како области со значителен потенцијал за нови инвестиции, деловни партнерства и заеднички проекти.
Како еден од очекуваните резултати од учеството на македонската делегација на Економскиот форум во Карпач беше истакнато воспоставувањето непосредни контакти со полската деловна заедница и привлекувањето полски странски директни инвестиции. Притоа беше нагласена потребата политичкиот дијалог да биде проследен со конкретни економски иницијативи и засилена институционална поддршка за поврзување на компаниите од двете земји.