Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска ја прими амбасадорката на Кралството Данска со седиште во Белград, г-ѓа Пернил Далер Кардел.
Министерот Муцунски ѝ се заблагодари на амбасадорката Далер Кардел за тоа што Кралството Данска ја задржува политиката на проширување високо на агендата на своето претседавање со Советот на Европската унија, како и за континуираната и доследна поддршка на Данска во процесот на европската интеграција на Република Северна Македонија.
На средбата се разговараше за тековните активности и реформските процеси, при што министерот Муцунски ја истакна својата лична, но и институционалната подготвеност на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија за тешна соработка со Кралството Данска во постигнувањето конкретен и видлив напредок на патот кон Европската унија.
Воедно, стана збор и за унапредување на билатералните односи меѓу двете земји, кои беа оценети како одлични и пријателски, со заемен интерес за продлабочување на соработката во повеќе области, особено во економијата и трговијата.