Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, оствари средба со вршителката на должноста амбасадор на Соединетите Американски Држави, Никол Варнес.
На средбата стана збор за неодамнешната посета на Соединетите Американски Држави на владината делегација предводена од претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, во чиј состав беше и министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, како и за натамошното продлабочување на билатералната соработка, политичкиот дијалог и економските односи меѓу двете земји.
Посебен акцент беше ставен на трговската размена, можностите за нови инвестиции и конкретните чекори за натамошно унапредување на соработката во повеќе области.
Соговорниците ја потврдија важноста на стратешкото партнерство со Соединетите Американски Држави, кое останува еден од клучните столбови на надворешната политика на земјата, како и заедничката подготвеност за негово натамошно продлабочување, со фокус на конкретни резултати за економијата и граѓаните.