Денес, на маргините на Виенската конференција за миграција, заменик-министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски и државниот секретар во Министерството за внатрешни работи, Сашо Петрушевски остварија средба со генералната директорка на Меѓународниот центар за развој на миграциски политики (ICMPD), Сузане Рааб.
Македонските претставници ги презентираа тековните национални активности и стратешки приоритети во областа на управувањето со миграцијата, со посебен осврт на Национална стратегија за борба против трговијата со луѓе и илегалната миграција за периодот 2026–2030 година, како и на Националната стратегија за соработка со дијаспората на Република Северна Македонија за периодот 2025–2030 година.
Воедно, беа претставени актуелните предизвици поврзани со миграциските текови, криумчарењето мигранти и трговијата со луѓе, при што беше изразен интерес за продлабочување на соработката со ICMPD особено во насока на спроведување на националните стратешки приоритети и јакнење на институционалните капацитети.
Генералната директорка на ICMPD Рааб, ја потврди подготвеноста на Центарот да обезбеди поддршка и да придонесе во реализацијата на утврдените приоритети, преку понатамошна соработка и експертска помош.
Нашата држава останува посветена на активното учество во регионалните и европските иницијативи за управување со миграцијата, како и на зајакнување на партнерствата со релевантните меѓународни организации, во насока на придонес кон безбеден, координиран и хуман европски миграциски систем.