На 14 и 15 ноември 2026 година, заменик министерот за надворешни работи и надворешна трговија Зоран Димитровски учествуваше на 48. Министерска конференција и XX Самит на Франкофонијата, што се одржаа во Пном Пен, Кралството Камбоџа, под мотото „Реинвестирање во мирот за заеднички просперитет и трајна стабилност“.
XX Самит на Франкофонијата беше посветен на зајакнувањето на заедничката определба на мир, стабилност и просперитет, како и на улогата на Франкофонијата во соочувањето со современите глобални предизвици. На отворањето на Самитот се обратија кралот на Кралството Камбоџа, Нородом Сихамони, претседателот на Франција, Емануел Макрон, премиерот на Кралството Камбоџа, Самдеч Моха Борвор Типадеј Хун Манет, како и генералната секретарка на Меѓународната организација на Франкофонијата, Луиз Мушикивабо, а учествуваа и бројни шефови на држави и влади и високи претставници на земјите членки и меѓународните организации.
Во рамки на тематскиот панел на Самитот, заменик министерот Димитровски истакна дека дијалогот, регионалната соработка и добрососедските односи за нашата држава се суштински предуслови за консолидирање на мирот и стабилноста. Притоа, ја истакна важноста сите конфликти да се надминуваат по мирен пат, преку дијалог, посочувајќи ја Франкофонијата како значајна платформа за градење доверба, разбирање и заеднички решенија.
На маргините на Министерската конференција заменик министерот Димитровски оствари и билатерални средби со министерот за култура на Либан, Хасан Саламе, како и со специјалниот претставник на Владата на Република Кореја, Чанг Џе-бок. На средбите беа разменети мислења за можностите за унапредување на билатералната соработка, особено во областите на културата, образованието и економијата, привлекувањето инвестиции, како и за актуелните регионални и меѓународни геополитички и безбедносни состојби.
Учеството на Република Северна Македонија на Франкофонијата претставува потврда на нејзината посветеност на вредностите и принципите на оваа организација, како и на активниот придонес кон мултилатералниот дијалог, мирот, стабилноста и меѓународната соработка.