Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Учество на заменик-министерот Зоран Димитровски на годишната Конференција за миграција во Виена

Учество на заменик-министерот Зоран Димитровски на годишната Конференција за миграција во Виена

Заменик-министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски, учествува на годишната Конференција за миграција, организирана од Меѓународниот центар за развој на миграциски политики (ICMPD), која се одржува на 16 и 17 ноември 2026 година во Виена.

Во рамки на своето излагање на панелот на високо ниво на тема „Од Атлантикот до Кавказот: Како географијата ги обликува приоритетите во однос на миграцијата“, заменик-министерот Димитровски ја истакна специфичната географска положба на Северна Македонија и нејзината улога во регионалните и пошироките миграциски процеси.

„Различните географски реалности не треба да бидат фактор на поделби, туку поттик за соработка, градење партнерства и развивање ефективни и одржливи решенија, засновани на солидарност, заедничка одговорност и почитување на меѓународното право и човековите права“, истакна заменик-министерот Димитровски, потенцирајќи дека државите не можат самостојно да се справат со предизвиците поврзани со миграцијата.

Посебен акцент беше ставен на потребата од зајакнување на соработката во справувањето со криумчарењето мигранти, како и на влијанието на миграциските процеси врз пазарот на трудот, особено во контекст на одливот на високообразовани и квалификувани кадри од нашата земја и недостигот од работна сила. Во оваа насока, беше нагласена потребата од креирање соодветни политики кои ќе одговорат на потребите на пазарот на трудот и ќе придонесат кон поефикасно управување со миграцијата.

Воедно, тој ја истакна потребата од натамошно усогласување и унапредување на визните политики со Европската Унија, вклучително и во контекст на Шенгенскиот режим, како и од унифицирана и координирана примена на новиот Систем за влез/излез (Entry/Exit System – EES) од страна на сите држави, со цел обезбедување усогласен пристап и поефикасно управување со миграциските прашања.

Во таа насока, заменик-министерот Димитровски истакна дека интеграцијата на земјите кандидати од Западен Балкан во Европската Унија би овозможила нивно посуштинско вклучување во креирањето и спроведувањето на заедничката европска миграциска политика.

Мени за пристапност