Заменик министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски, вчера оствари средба со заменик министерката за надворешни работи на Кралството Холандија, г-ѓа Хелејн Бакер.
На средбата се разговараше за билатералните односи меѓу двете држави, со посебен фокус на евроинтегративните процеси на нашата земја и спроведувањето на реформската агенда. Посебно значење во разговорите беше дадено на штотуку објавениот документ на Европската комисија за иднината на проширувањето и внатрешните реформи на ЕУ и претстојната стратешка дискусија во Европскиот совет за документот, најавена за средината на октомври.
Во овој контекст, заменик министерот Димитровски нагласи дека по долгогодишните реформи на земјата, континуираните заложби на европскиот пат и надминувањето на сериозни предизвици, време е Европската унија да обезбеди јасен, кредибилен и предвидлив процес на пристапување, заснован на индивидуалните заслуги, кој би ја придвижил земјата кон следниот чекор во преговорите кон полноправното членство.
Заменик министерот Димитровски ја запозна соговорничката со последните постигнувања на нашата земја во спроведувањето на обврските од Планот за раст, со што земјата се позиционираше како предводник во исполнувањата меѓу земјите од регионот. Истовремено, ја нагласи улогата на земјата како кредибилен и предвидлив партнер на Унијата во областа на безбедноста, преку одржување на целосната усогласеност со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, придонесот кон европската безбедност и воспоставеното Партнерство за безбедност и одбрана. Во однос на добрососедските односи, Димитровски ја потврди определбата да останеме конструктивен и предвидлив партнер, и ја нагласи потребата од натамошно унапредување на дијалогот со соседите, врз основа на меѓусебно разбирање и доверба.
Во однос на билатералните односи со Холандија, заменик министерот Димитровски истакна дека истите се конструктивни и динамични и особено се заблагодари на принципиелната поддршка на Холандија на пристапниот процес и важноста која ја дава на владеењето на правото.
Заменик министерката Бакер ја потврди поддршката на Холандија за европската интеграција на нашата земја и го поздрави напредокот во реформската агенда, истакнувајќи дека продолжувањето на реформскиот процес и одржувањето на европскиот курс се клучни за остварувањето на нашата цел, членството во Европската Унија.