По повод одбележувањето на државниот празник „11 Октомври“, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија на Република Северна Македонија, на 4 октомври оваа година, го организираше традиционалниот есенски Дипломатски тениски турнир, кој се одржа на терените на Поинтер Тенис Парк во Скопје.
На Дипломатскиот тениски турнир учествуваа дипломати од резидентните дипломатски и конзуларни претставништва на странските држави, претставници на меѓународни организации во земјата, како и дипломати од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
По завршувањето на натпреварувачкиот дел од турнирот, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, д-р Тимчо Муцунски, се обрати пред присутните и, заедно со претставници на спонзорите, ги додели наградите на победниците и останатите учесници. Воедно, присуствуваа и на пригодниот коктел, организиран по повод одбележувањето на државниот празник и одржувањето на тенискиот турнир.
Спортско-дипломатскиот настан беше овозможен со поддршка од општествено одговорните компании Порше Македонија, АД „Алкалоид“, хотелот Hilton DoubleTree, АД „Тиквеш“, Скопска пивара и Поинтер Тенис Парк.