Државниот секретар во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, д-р Јовица Палашевски денеска учествуваше на завршната конференција за третата фаза од заедничкиот инструмент на ЕУ и Совет на Европа за поддршка на реформските процеси во Западен Балкан и Турција: „Една деценија влијание во унапредувањето на реформите преку партнерството меѓу Европската Унија и Советот на Европа – Поуки и визија за иднината“, што се одржува во Тирана, Рeпублика Албанија.
Во рамки на конференцијата, Државниот секретар Палашевски се обрати на панелот на министерската тркалезна маса: „ 10 години унапредување на реформите во согласност со европските стандарди и поддршка кон ЕУ пристапување – Размена на мислења за трансформативното влијание и одржливоста на програмата: Што е постигнато и кои се клучните предизвици што претстојат?“
Притоа, Палашевски ја истакна соработката негувана изминатите 10 години преку овој инструмент, која е од значење за постигнување на европските стандарди во повеќе клучни области, како и зајакнување на институционалните капацитети. Како еден од конкретните бенефити ја истакна поддршката добиена преку механизмот за координација на експертизата, примарно од страна на Венецијанска комисија при подготовка на повеќе значајни легислативни решенија. Покрај значењето на инструментот во контекст на поддршка на ЕУ интегративниот пат и континуираното исполнување на преземените заложби со членство во Советот на Европа, Државниот секретар Палашевски ја истакна и важноста од опипливи резултати постигнати низ годините за самите граѓани, што во следната фаза треба да се продлабочуваат и одржуваат.
На Министерската тркалезна маса се обратија и други високи претставници од земјите корисници на оваа заедничка програма од Западен Балкан и Турција.
Заедничкиот инструмент од следната година се очекува да продолжи и со четврта фаза во времетраење од три години, со фокус на поддршка на реформски процеси во областите: правосудство, антидискриминација, пенитенцијарен систем, борба против корупција и економски криминал, како и против трговија со луѓе. Во рамки на учеството на завршната конференција Државниот секретар Палашевски оствари повеќе билатерални средби со високи претставници на европските и регионалните институции, со Клаус Неукирч, директор за координација на програми во Советот на Европа, Кристоф Галанд, заменик-директор за Западен Балкан и проширување во Европската комисија, Меги Фино, заменик-министерка за Европа и надворешни работи на Република Албанија, Мехмет Кемал Бозај, заменик-министер за надворешни работи и директор за прашања поврзани со ЕУ на Република Турција. Билатералните средби претставуваа можност за отворен и конструктивен дијалог, размена на искуства и согледувања, како и за потврдување на определбата за продлабочување на соработката во интерес на европската перспектива и стабилноста на регионот.