Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Во МНРиНТ се одржа настан посветен на можностите за вработувањето во НАТО Алијансата

Во МНРиНТ се одржа настан посветен на можностите за вработувањето во НАТО Алијансата

На 11 ноември 2025 година, во просториите на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, се одржа информативниот настан - ‘’Презентација на можностите за вработување во НАТО “, во организација на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, во соработка со претставници од Одделот за човечки ресурси на НАТО.

Настанот, на кој беа поканети слушатели од државните институции и академската заедница, имаше за цел да ги запознае младите и амбициозни професионалци со можностите за вработување во меѓународните служби на Алијансата и да ги охрабри да се насочат кон кариера во рамките на НАТО.

Во своето обраќање пред присутните, државниот секретар во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, г-ѓа Елена Кузмановска-Биондиќ, истакна дека овој настан претставува дел од заедничката иницијатива на Министерството и Одделот за човечки ресурси на НАТО, чија цел е да ја зголеми видливоста и застапеноста на државата во рамките на Алијансата.

Во оваа смисла, потенцира дека нашата држава располага со значителен потенцијал и стручни кадри кои можат суштински да придонесат во работата на меѓународните служби на Алијансата. Како земја членка на НАТО, нашата држава континуирано се залага за внесување нова енергија и динамика во своето делување, со цел уште повеќе да ја зајакне својата улога и видливост во рамките на Алијансата, истакна Кузмановска-Биондиќ.

Фокусот се младите кадри – носителите на идеи, знаење и свежа перспектива – кои можат суштински да придонесат кон заедничките цели и вредности на НАТО. Преку овој заеднички промотивен проект со НАТО, сме тука да охрабриме, мотивираме и информираме, отворајќи нови можности и патеки за нашите професионални кадри кои со своето знаење и интегритет ќе ја претставуваат земјата во службите на НАТО, подвлече државниот секретар Кузмановска-Биондиќ.

Во оваа насока, ги подвлече значајните предности од професионалното ангажирање во мултилатерална средина, потенцирајќи дека работата во рамките на НАТО претставува извонредна можност за кариерен раст, професионален развој и интеркултурна размена на знаења и искуства. Широкиот спектар на области – од меѓународни односи, безбедност и одбрана, до иновации, финансии, инженерство, информатички технологии, комуникации, логистика и управување со човечки ресурси – отвора пат за младите таленти и професионални кадри да се развиваат во современа, динамична и предизвикувачка работна средина, во која се негуваат високите стандарди, различноста, инклузивноста и интегритетот.

Во продолжение, претставниците од Одделот за човечки ресурси на НАТО ја истакнаа динамичната и инклузивна природа на Алијансата, каде што се ценат компетенциите, професионалноста и подготвеноста за колективен придонес. При тоа, ги презентираа процедурите за аплицирање, критериумите за избор, како и можностите за понатамошен професионален развој во рамките на Алијансата.

Воедно, во рамки на сесиите, присутните имаа прилика да се запознаат и со искуствата на наши вработени државјани во меѓународните служби на НАТО, кои веќе се дел од структурите на Алијансата.

Мени за пристапност